Mohamed Sabry Emam Muhammed
29 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
КАРБАЛА (АА) - Најмалку 20 демонстранти се убиени, а над 600 се повредени денес, кога ирачките сили се обидоа да разбијат камп на протестантите во јужниот ирачки град Карбала, јавуваат локалните медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Безбедносни извори претходно изјавија дека полицијата тргнала кон разбивање на неодобрено собирно место во центарот на Карбала.
Изворите велат дека демонстрантите ги игнорирале повиците на безбедносните сили да го завршат собирот.
Претходно, очевидецот Гафар ал Сади изјави дека стотици вооружени лица го нападнале кампот на демонстрантите во центарот на Карбала.
„Тие пукаа одвреме-навреме додека полицијата се втурнуваше кон демонстрантите, оставајќи најмалку 10 загинати“, изјави тој за Anadolu Agency.
Ала ал Шерифи, друг очевидец, рече дека амбулантните возила не можеле да влезат во подрачјето и да ги преземат повредените во првите часови поради интензивниот оган од страна на безбедносните сили.
„Овој напад на безбедносните сили беше тотално неоправдан“, рече тој.
Според групите за човекови права, над 100 луѓе се убиени, а повеќе од 3.600 повредени откако во петокот започна вториот бран протести во неколку ирачки покраини.
Во првиот бран протести на почетокот на октомври животот го загубија 149 демонстранти и 8 припадници на безбедносните сили.
Незадоволството во Ирак во последниве години е во пораст поради зголемената стапка на невработеност и големата корупција. Голем дел од населението има ограничен пристап до основните потреби, како електрична енергија и чиста вода.
Според податоците на Светската банка, Ирак има висока стапка на невработеност кај младите од околу 25 отсто, и тој е рангиран како 12-та најкорумпирана земја во светот од страна на повеќе организации за транспарентност.