Kanyshai Butun
24 Април 2026•Ажурирај: 24 Април 2026
Иранскиот амбасадор во Москва денес изјави дека Техеран ќе направи исклучоци за некои земји во поглед на ослободување од царини за транзит низ Ормускиот Теснец, меѓу кои и Русија, пренесува Анадолу.
Казем Џалали за руската новинска агенција РИА Новости изјави дека Иран настојува да примени ослободувања за „пријателските земји, како што е Русија“.
„Не знам што ќе се случи во иднина”, изјави тој и додаде: „Сепак, нашето Министерство за надворешни работи во моментов се обидува да ги примени овие ослободувања за пријателските земји, како што е Русија.”
Според објавата на „Волстрит џурнал“ на 8 април, Техеран ја зајакнува својата контрола врз најважниот светски коридор за транзит на нафта наредувајќи им на бродовите плаќањето на надоместокот однапред да го договорат со иранската Исламска револуционерна гарда, како и да плаќаат во криптовалути или во кинески јуани.
На 19 март полудржавната новинска агенција ИСНА објави дека Иран разгледува законска регулатива со која од државите би се барало да плаќаат царина за пловилата што ќе транзитираат низ стратегискиот поморски коридор.
Испораката низ Ормускиот Теснец е сериозно нарушена откако на 28 февруари започна американско-израелската војна против Иран, што ги потресе глобалните енергетски пазари и ги зголеми стравувањата од долготрајна економска штета.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот, по барање на Пакистан, го продолжи прекинот на огнот со Иран, велејќи дека ќе остане на сила сè додека Техеран не презентира „унифициран предлог”.