Ahmet Dursun
22 Ноември 2019•Ажурирај: 24 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Гулам Али Решид, командантот на Централниот штаб на Хатемул Енбија, поврзан со вооружените сили на Иран, ги предупреди САД, кои испратија носач на авиони во Персискиот Залив по 6-месечен прекин, „да се однесуваат одговорно заради безбедноста на своите војници“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што пренесува иранската полуофицијална агенција „Тесним“, Решид за време на големата вежба за воздушна одбрана што се одвива на површина од 416.000 квадратни километри во покраината Симнан се осврнал на ситуацијата во Персискиот Залив.
Упатувајќи порака до САД, кои по период од 6 месеци испратија носач за авиони во Персискиот Залив, Решид рече дека САД треба да избегнуваат преземање погрешни чекори во регионот.
„Од оваа област на вежби, ги предупредуваме сите непријатели на Иран, особено САД. Владата на САД треба да биде одговорна за безбедноста на американските трупи во регионот, особено во Персискиот Залив и Ормудскиот Теснец“, нагласи Решид.
Централниот штаб на Хатемул Енбија е штабот на единиците од највисоко ниво во Иранските вооружени сили, кој ги координира операциите на Армијата на револуционерната гарда и иранската Армија.
Носачот на авиони „УСС Абрахам Линколн“, со инструкција на Белата куќа, по период од 6 месеци за прв пат отплови кон Персискиот Залив.
Иран денес започна голема вежба за воздушна одбрана на површина од 416.000 квадратни километри во покраината Симнан.