Lina Altawell
02 Февруари 2026•Ажурирај: 03 Февруари 2026
ТЕХЕРАН (АА) – Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, издал наредба за продолжување на нуклеарните преговори со Соединетите Американски Држави (САД), објавија денес иранските медиуми, пренесува Анадолу.
Според агенцијата „Тесним“, која се повикува на информиран извор, преговорите би можеле наскоро да продолжат, со учество на високи претставници од двете земји.
Сепак, точниот термин и локацијата на средбата сè уште не се прецизирани.
Се очекува преговорите да се одржат на ниво на иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и американскиот специјален пратеник Стив Виткоф.
Досега нема официјална потврда од Кабинетот на претседателот Пезешкијан во врска со оваа информација.
Овој потег доаѓа во период на зголемени тензии меѓу Иран и САД, при што американската воена флота, наводно, се упатува кон регионот, како што објави американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп потврди дека голема американска „армада“ е на пат кон регионот, предупредувајќи го Иран да влезе во преговори за својата нуклеарна програма или да се соочи со можна воена акција.
Во последните денови се забележува засилена дипломатска активност, при што повеќе регионални земји, меѓу кои и Турција, се вклучија во напорите за намалување на тензиите меѓу двете држави.
На неделната прес-конференција во Техеран денес, портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Исмаил Багаеи, негираше дека Техеран добил „какви било ултиматуми или рокови“ во преговорите со Вашингтон.
Иран и САД водеа индиректни нуклеарни преговори во јуни минатата година, кога Израел изврши напад врз Иран, што доведе до 12-дневна воена конфронтација и значително зголемување на тензиите.
По завршувањето на конфликтот, Иран ги суспендираше разговорите со САД, обвинувајќи го Вашингтон дека сноси одговорност за израелскиот напад.