Beyza Binnur Dönmez
31 Јануари 2025•Ажурирај: 01 Февруари 2025
ЖЕНЕВА (АА) - Истражната комисија на Обединетите нации (ОН) за Сирија денес истакна дека иако санкциите треба да се тргнат за да се олесни страдањето, поддршката останува клучна за да се обезбеди одговорноста и напредокот на преодната влада на земјата, јавува Анадолу.
Хани Мегали, комесар на Независната меѓународна истражна комисија за Сирија, ја нагласи хуманитарната цена на санкциите, особено по минатогодишниот разорен земјотрес, кога напорите за помош беа сериозно попречени.
„Го видовме влијанието на санкциите кои сѐ повеќе се чувствуваат кај населението“, рече Мегали на брифингот со новинарите со Асоцијацијата на акредитирани дописници на ОН (ACANU) во Женева. „За време на земјотресот, речиси никаква меѓународна помош нe можеше да влезе. И прилично е шокантно да се види колку беше ограничена.“
Тој додаде: „Без разлика дали санкциите беа фактор или не, ги притиснавме земјите членки и ОН да го разгледаат тоа и да излезат со одговори за истото да не се повтори“.
Признавајќи ги сѐ поголемите повици, вклучително и од сириското граѓанско општество, за укинување или суспендирање на одредени санкции за некои сектори, Мегали ја истакна потребата од избалансиран пристап.
„Треба да ја обновиме земјата и да укинеме некои од тие ограничувања“, рече тој. „Но, ние, исто така, сакаме одредено влијание за да се осигураме дека властите се движат во вистинската насока. Треба да најдеме начин веднаш да ги укинеме ограничувањата на хуманитарната помош, додека сè уште одржуваме точки на притисок за да обезбедиме одговорност за злоупотребите во минатото и напредок во однос на правата“.
Притисокот на Kомисијата за политика на изнијансирани санкции дoаѓа во време кога Сирија се движи низ кревка транзиција по годините на војна и политички пресврт.
Комесарката Лин Велшман, од своја страна, ја истакна важноста од зачувување на доказите за злосторствата направени во минатото, нагласувајќи дека правдата и одговорноста мора да бидат „водени од Сирија“.
„За новата влада и за Сиријците, покрај обновата на земјата, една од најважните работи ќе биде да се осигура дека тоа што се случи никогаш повеќе нема да се повтори во Сирија“, рече таа. „Постои потреба да се работи на систем на процес на правда и одговорност, и тоа ќе треба да биде предводено од Сирија“.
„Ние сме подготвени да помогнеме со сè што можеме и ќе се ангажираме колку што можеме позитивно и конструктивно со новите власти“, додаде таа.
Комисијата, која се соочува со ограничен пристап до Сирија од нејзиното формирање во 2011 година, со новите власти разговара за отворање канали за конструктивен дијалог.
Велшман изрази внимателен оптимизам, истакнувајќи ги „огромните човечки ресурси“ на Сирија како клучен фактор во обликувањето на иднината на земјата.