Sümeyye Dilara Dinçer
01 Ноември 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
АНКАРА
Едно истражување откри дека несоницата може негативно да влијае на пешачењето, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Си-ен-ен“ (CNN), за да ги истражат ефектите од несоницата научниците ги проучувале навиките за спиење на студентите од Универзитетот во Сао Паоло во Бразил.
Истражувачите поставиле уред за следење на спиењето кај студентите. Потоа 14 дена го следеле времето кога спиеле и времето кога се будни.
Во студијата, чии резултати се објавени во „Scientific Reports“, откриено е дека студентите во просек спијат по 6 часа на вечер.
Потоа, од студентите е побарано да се качат на лентата за трчање и да го доловат музичкиот ритам што ќе им биде одреден.
Артуро Форнер-Кордеро од Катедрата за мехатроника на Универзитетот во Сао Паоло, истакна: „Тие мораа да ги синхронизираат ударите на петицата со ритамот. Откривме дека грешките се почести кај луѓето со акутен недостаток на сон.“
Форнер-Кордеро наведе дека студентската група го пропуштила ритамот и севкупно покажала лоши перформанси.
„Резултатите покажуваат дека пешачењето не е автоматски процес и врз него може да влијае недостатокот на сон“, нагласи Ермано Кребс од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Мериленд.
Кребс истакна дека идеално е секој да спие по 8 часа на ден.
Според Националната фондација за спиење, пешачењето од околу 10 минути, возењето велосипед или други вежби можат значително да го подобрат квалитетот на спиењето навечер.
Според американскиот Центар за контрола и превенција, за да може мозокот да функционира правилно на возрасните им требаат најмалку 7 часа сон дневно, додека на децата на училишна возраст 9-12 часа, а на младите 8-10 часа на ден.