Gamze Türkoğlu Oğuz
10 Февруари 2020•Ажурирај: 12 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Студија во Кина покажа дека периодот на инкубација на новиот тип коронавирус (2019-nCov) може да трае и до 24 дена, пренесува Агенција Анадолија (AA).
„Група водечки кинески епидемиолози, на чело со докторот Конг Нанхан, ги истражувала примероците од најмалку 1.099 лица кои се заразени со коронавирусот“, објавија кинеските медиуми.
Студијата откри дека само 13 заразени лица имале контакт со диви животни, околу една третина од нив се наоѓале во градот Вухан, каде што настана епидемијата, и дека периодот на инкубација на коронавирусот е променлив и може да трае до 24 дена.
Студијата е објавена на академската платформа „medRvix“, и се наведува дека просечниот период на инкубација изнесува три дена, додека во друга студија се наведува период од пет дена.
Експертите открија дека само 43,8 отсто од пациентите имале покачена температура како прв симптом, а 90 отсто имале температура откако биле хоспитализирани.
Како најчеста компликација во процесот на хоспитализација била воспаление на белите дробови кај 79,1 отсто од пациентите, а кај 3,37 отсто акутно оштетување на респираторниот систем.
Националната здравствена комисија на Кина денес соопшти дека во изминатите 24 часа починале 97 заразени лица, со што бројот на починати од смртоносниот вирус во таа земја се искачи на 909.
Се наведува и дека досега зараза со вирусот 2019-nCoV е потврдена кај вкупно 40.171 пациент, меѓу кои 6.500 се во критична состојба. Само во изминатите 24 часа потврдени се најмалку 3.061 случај на коронавирус. Под медицински надзор се 187.518 лица за кои постои сомнение дека го носат опасниот вирус.