Barış Seçkin
24 Август 2023•Ажурирај: 25 Август 2023
РИМ (АА) - Вандали исцртаа графити на надворешните столбови на италијанскиот историски коридор Вазари, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Знаменитоста во Фиренца, што беше дизајнирана од италијанскиот архитект Џорџо Вазари во 1565 година, беше цел на неидентификувани лица во текот на ноќта, објави „Italy24 News“.
„Dks 1860“ беше испишано со црна боја со спреј на столбовите помеѓу Понте вехио и галеријата Уфици.
„Утрово се разбудивме со овој срамен чин на вандализам на столбовите на коридорот Вазари“, напиша градоначалникот на Фиренца, Дарио Нардела, на социјалните мрежи, додавајќи дека е започната истрага за расветлување на инцидентот и за откривање на сторителите.
Во писменото соопштение, министерот за култура Џенаро Санџулиано рече дека ќе го решат проблемот со „нулта толеранција“.
„Секој што ќе го оштети коридорот Вазари или кој било друг италијански споменик значи дека ги оштетил симболите на националниот идентитет и треба соодветно да биде казнет“, додаде тој.
Според веста на италијанскиот канал „Rainews24“, италијанските безбедносни сили идентификувале двајца осомничени за инцидентот.