Ecenur Çolak
21 Мај 2018•Ажурирај: 21 Мај 2018
РИМ (АА) - Радикално десничарската партија Лига и антисистемското Движење „Пет Звездички“ (M5S) постигнаа договор за коалицискиот план, и лидерите на овие партии денес на претседателот на Италија, Серџио Матарела, ќе му го предадат предлогот за идната Влада на оваа земја, пренесува Anadolu Agency (AA).
Парламентарните избори во Италија се одржани на 4 март, а ниту една партија не освои доволно мнозинство за формирање на владата.
Идните коалициски партнери Лига и M5S постигнаа договор за програмата на идната влада и во петок го ставија на официјалната партиска интернет-страница. Речиси 45.000 гласачи ја коментираа програмата, а 94 отсто од нив ја поддржаа.
Низ Италија изминатиот викенд активистите на идните коалициски партнери на штандовите од граѓаните бараа мислење за програмата на идната влада. Анкетните ливчиња ги пополнија речиси 215.000 граѓани, а повеќе од 90 отсто од нив го поддржаа тој документ.
Лидерот на партијата Лига, Матео Салвини, и челникот на M5S, Луиџи ди Мајо, за време на викендот постигнаа договор за составот на идниот Кабинет на Владата.
Италијанската новинска агенција ANSA јавува дека функцијата премиер најверојатно ќе му припадне на Џузепе Конте, професор по право на универзитетите во Фиренца и Луиса.