Ekip
27 Мај 2022•Ажурирај: 30 Мај 2022
РИМ (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон се обидува да создаде нов блок на европски нации што подоцна ќе ги обедини Украина, поголемиот дел од Источна Европа и Турција, објавија денеска италијанските медиуми, јавува Агенција Анадолија (АА).
Дневниот весник „Кориере дела сера“ (Corriere della Sera) идејата ја нарече „Европски Комонвелт“ и ја опиша како „нов систем на политички, економски и воени сојузи - алтернатива на Европска Унија“.
„Земјите од новиот блок ќе ги обединат „недовербата кон Брисел“ и критиката за премногу благиот одговор на Германија на руската агресија во Украина“, се вели во извештајот.
„Џонсон првпат му ја претстави идејата на украинскиот претседател Владимир Зеленски кога тој отпатува во главниот град на Украина на 9 април, а неговата влада оттогаш силно лобира во Киев околу предлогот“, се вели во извештајот.
„Велика Британија би била лидер во новиот евроскептичен и антируски сојуз, кој би се проширил сѐ до Украина, Полска, Естонија, Латвија и Литванија, во подоцнежна фаза, потенцијално и до Турција“, се додава.
Извештајот е напишан од еден од дописниците на италијанскиот весник на Светскиот економски форум во Давос, врз основа на анонимни извори кои се „запознаени со разговорите“ и кои присуствуваат на состанокот на високо ниво во Швајцарија.