Ekipa
06 Февруари 2022•Ажурирај: 07 Февруари 2022
ТОРОНТО (АА) - Повеќе од една недела, илјадници возачи на камиони во Канада го продолжуваат својот протест против владините ограничувања за Ковид-19 и задолжителната вакцинација.
Протестите што започнаа во централното градско подрачје на Отава, главниот град на Канада, подоцна се проширија низ други градови како Торонто, Монтреал, Винипег, Квебек Сити, Фредериктон, Реџина, Викторија, Ванкувер и Калгари.
Вчера, заменик-началникот на полицијата на Отава, Стив Бел, изјави дека полицијата дознала дека постои можност повеќе од 2.000 демонстранти и уште 400 камиони да се обидат да влезат во центарот на градот.
Полицијата го затвори центарот на градот со стотици барикади, а Бел додаде дека може да ги затворат автопатите, мостовите и главните артерии во центарот на градот.
На другите места, полицијата во Торонто претходно предупреди дека протестот со камионски конвој може да се случи во градот со 2,8 милиони жители почнувајќи од сабота. На прес-конференцијата во петокот попладне, градските власти рекоа дека некои патишта кон центарот на градот ќе бидат затворени.

Тие ги предупредија демонстрантите што ќе се обидат да ги попречат медицинските служби во вршењето на својата работа дека ќе се соочат со строги мерки.
Околу 10.000 демонстранти и стотици камиони со приколки на 29 јануари го блокираа централното јадро на Отава, главниот град на Канада и град со околу еден милион жители.
Тоа го доведе градот во застој и сообраќаен хаос. Градскиот транзитен автобуски превоз беше запрен и многу деловни објекти затворени.
Демонстрантите побараа од федералната влада да ја откаже задолжителната вакцинација за камионџиите на долги релации кои преминуваат во САД, а потоа се враќаат во Канада.
Но, пораката се промени и демонстрантите побараа од Владата на премиерот Џастин Трудо сите здравствени прописи за Ковид-19 да бидат укинати.
Трудо порача дека нема да има преговори со демонстрантите.
Додека поголемиот дел од нив останаа мирни, некои демонстранти почнаа да ги вознемируваат луѓето, да се нафрлаат на нив со непристојни зборови, да веат нацистички и знамиња на Конфедерацијата, да одбиваат да носат маски кога влегуваат во продавници и да застануваат во линијата за ред за да добијат бесплатни оброци во прифатилиштата за бездомници. Тие танцуваа на скалите на Воениот споменик и залепија бејзбол капа и наопаку свртено канадско знаме на статуата на Тери Фокс.