Seyit Aydoğan
26 Јули 2021•Ажурирај: 28 Јули 2021
КАНАДА (АА) - Министерот за државјанство и имиграција на Канада, Марко Мендичино, истакна дека покрај сè, Канада продолжува да биде лидер во светот во однос на миграцијата и дека до крајот на годината ќе прими нови 401.000 мигранти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Меѓу 401.000 лица, што претставува најголем број мигранти кои ќе бидат прифатени за една година до денес, вклучени се странски студенти, привремени странски работници и бегалци кои во моментот се во Канада.
„И покрај сè, Канада продолжува да биде лидер во светот во однос на миграцијата. Ние ќе ја почитуваме нашата заложба за прием на 401.000 нови постојани жители оваа година“, рече канадскиот министер Мендичино.
Во меѓувреме, Канцеларијата за миграција на Канада процени 45.100 апликации за имиграција во јуни, што е најголем број досега во текот на еден месец. Канцеларијата одобри дозволи за постојан престој кај 35.600 од овие апликации.
Според податоците на Канцеларијата за миграција на Канада, 1913 година е годината во која биле прифатени најмногу мигранти во земјата. Тогаш биле прифатени 400.810 мигранти.
Со цел да се задоволат зголемените потреби од работна сила по епидемијата на Ковид-19, канадската Влада има за цел да привлече 411.000 нови мигранти во 2022 година и 421.000 во 2023 година.
Со цел да се надмине бариерата на затворените граници поради епидемијата, Владата во април соопшти дека на повеќе од 90.000 дипломирани студенти и привремени странски работници, што работат во професии како што се здравството, земјоделството, градежништвото, ќе им биде даден статус на постојан престој.