Mohamed Sabry Emam Muhammed
15 Октомври 2019•Ажурирај: 16 Октомври 2019
ДОХА (АА) - Катар денеска застана во одбрана на турската антитерористичка операција во северна Сирија, велејќи дека Анкара не може да молчи на заканите кои доаѓаат од сириска територија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Оружјето и обуката обезбедени за курдските групи за време на борбата против ДЕАШ претставуваат непосредна закана за турската безбедност“, изјави катарскиот министер за надворешни работи, шеик Мухамед бин Абдулрахман ал Тани, на Глобалниот форум за безбедност во Доха.
Тој истакна дека предупредувањата на Турција за вооружувањето на курдските групи во Сирија не биле испочитувани.
„Не можеме да фрлиме вина на Турција бидејќи Анкара сака да ја расчисти нејзината територија и да се спротивстави на тероризмот“, рече тој. „Турција не може да молчи додека тероризмот ја погодува нејзината територија.“
Високиот катарски дипломат посочи дека Турција веќе повеќе од една година прави обиди да го реши проблемот со Соединетите Американски Држави (САД) и да стави крај на заканите долж границата.
„Заканите доаѓаат од одредени групи поврзани со ПКК, која е класифицирана како терористичка организација“, рече Ал Тани.
„Единствената цел на Анкара е да ја искорени заканата, Турција не сака да остане на сириска територија во иднина“, додаде тој.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турските граници и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Анкара сака да ја исчисти северна Сирија, подрачјето источно од реката Еуфрат, од терористите на ПКК и нејзиниот сириски огранок ПЈД/ЈПГ.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на терористичката ПКК.