Fuat Kabakcı
13 Септември 2020•Ажурирај: 14 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Кинеското Министерство за одбрана ги обвини Соединетите Американски Држави (САД) дека се најголемата закана за меѓународниот поредок и светскиот мир, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Министерството, Ву Чиен, во изјавата што ја даде во врска со извештајот за воениот развој и целите на Кина рече: „Ги повикуваме САД да гледаат на непристрасен и рационален начин кон кинеската национална одбрана и Армијата, да престанат да објавуваат лажни изјави и извештаи и да преземат конкретни чекори за да се обезбеди здрав развој на билатералните воени односи.“
Истакнувајќи дека извештајот во кој Кина се опишува како воена закана погрешно ја толкува политиката на националната одбрана и воената стратегија на администрацијата во Пекинг, Ву рече дека извештаите објавени од администрацијата на Вашингтон се отворени провокативни активности.
„За 20 години, американските војни и воените операции против земји како што се Ирак, Сирија и Либија предизвикаа смрт на повеќе од 800 илјади луѓе и раселување на десетици милиони“, нагласи Ву.
Тој, исто така, подвлече дека процесот докажал дека администрацијата на Вашингтон е „поттикнувач на регионални немири, кршител на меѓународниот поредок и уништувач на светскиот мир“.