Ekipa
23 Ноември 2021•Ажурирај: 24 Ноември 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) до Канцеларијата за разоружување при Обединетите нации соопштија дека глобалната закана од биолошко оружје е реална, сериозна и расте бидејќи некои држави имаат софистицирани, добро воспоставени програми, додека недржавните актери стекнуваат способност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот потсекретар за контрола на оружјето, Бони Дениз Џенкинс, на отворањето на четиридневниот состанок во Женева рече дека Конвенцијата за биолошко оружје е еден од клучните меѓународни безбедносни договори што стражари над заканата од оружје за масовно уништување.
„Во изминатите две децении напорите за зајакнување на Конвенцијата не даваат резултати“, изјави Џенскинс.
„Корисните дискусии“ во канцеларијата за разоружување доведоа до мали чекори на национално ниво, додека државите не беа во можност да се договорат за позначајна акција.
Таа рече дека распространетата достапност на софистицирани научни и технолошки алатки и методи постепено ги еродира бариерите за развојот на биолошкото оружје.
„Иако Ковид-19 не е резултат на биолошко оружје, пандемијата е повик за будење за сите нас“, рече таа.
Џенкинс истакна дека иако има невидени напори за зајакнување на меѓународната здравствена безбедност, светот треба да се справи со најновиот предизвик.
„За да го сториме тоа мора да ја зајакнеме Конвенцијата за биолошко оружје“, рече таа.
„Мораме да преземеме акција за да обезбедиме дека Конвенцијата може ефективно да се справи со предизвиците со кои се соочуваме сега и во иднина“, додаде Џенкинс.