Riyaz Khaliq Khaliq
07 Мај 2024•Ажурирај: 10 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Кина и Франција денес се спротивставија на воената операција на Израел во градот Рафа во палестинската опколена енклава Газа, јавува Анадолу.
Осудувајќи ги прекршувањата на меѓународното хуманитарно право, вклучително и сите акти на терористичко насилство и неселективни напади врз цивилите, Пекинг и Париз ја потврдија „апсолутната неопходност од заштита на цивилите во Газа“.
Заедничкото соопштение беше објавено откако кинескиот претседател Си Ѓинпинг и неговиот француски колега Емануел Макрон одржаа разговори на ниво на самит во Париз вчера.
Во соопштението се наведува дека двајцата шефови на држави „се противат на израелскиот напад врз Рафа, кој ќе доведе до хуманитарна катастрофа од поголеми размери, како и до насилен трансфер на палестинските цивили“.
Соопштението е објавено откако израелската Армија денес соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата на палестинската страна на граничниот премин со Египет, Рафа.
Во соопштението, израелската Армија соопшти дека нејзината 401-ва оклопна бригада ја презела „оперативната контрола“ на преминот Рафа од палестинска страна.
Израелската Армија издаде итна наредба за евакуација на Палестинците во источните населби на Рафа вчера и ги повика да се префрлат во градот Ал-Маваси во јужниот дел на Газа.
Рафа е дом на повеќе од 1,5 милиони раселени Палестинци кои се засолниле од војната што Израел ја започна по нападот на Хамас на 7 октомври, во кој загинаа речиси 1.200 луѓе.
Оттогаш, во израелските напади загинати се над 34.780 Палестинци, главно жени и деца, и е предизвикана огромна хуманитарна катастрофа.
Речиси седум месеци по почетокот на израелската војна огромни делови од Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки за да обезбеди хуманитарна помош за цивилите во Газа.