Emre Gürkan Abay
08 Ноември 2019•Ажурирај: 08 Ноември 2019
МОСКВА
Фу Сонг, генерален директор на Одделот за контрола на оружје при кинеското Министерство за надворешни работи, рече дека Кина е подготвена да го намали својот арсенал на нуклеарно оружје и додаде: „Но не размислуваме да учествуваме во преговорите за разоружување меѓу Америка и Русија“, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање на конференцијата за спречување на распространување на нуклеарното оружје Фу ги прокоментира преговорите меѓу Русија и САД за разоружувањето.
Зборувајќи дека од огромно значење е намалувањето на нуклеарниот арсенал што го поседуваат САД и Русија, Фу истакна:„Бидејќи тие арсенали се од џиновски размери. Тие се многу поголеми од нуклеарното оружје што го поседуваат останатите земји. Затоа ги повикуваме САД и Русија да ги продолжат своите средби на полето на разоружувањето.“
Фу изјави дека Кина е подготвена да го стори својот дел по тоа прашање и додаде: „Кина е подготвена да го намали својот арсенал на нуклеарно оружје. Доколку останатите земји го намалат својот нуклеарен арсенал на ниво што го има Кина, тогаш и ние сме подготвени да учествуваме во процесот. Но не размислуваме да учествуваме во преговорите за разоружување меѓу Америка и Русија“.
Фу наведе дека не го смета за правилен обидот на САД, и Кина да биде дел од преговорите за разоружување што ги водат со Русија и истакна: „Ваквите иницијативи претставуваат оддалечување од главната цел. САД само бараат причина за излез од еден многу важен меѓународен договор“.
Русија и САД во 2010 година го потпишаа СТАРТ 3, билатерален договор за намалување на нуклеарното вооружување и во моментов е единствен важечки договор меѓу двете земји за ограничување на оружјето. Како последна објава се соопштенијата од двете страни дека заемно се повлекуваат од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (INF).