Riyaz Khaliq
19 Јуни 2020•Ажурирај: 20 Јуни 2020
АНКАРА
Кина подигна обвиненија против двајца канадски државјани кои се товарат за шпионажа, за која постои закана и за доживотни затворски казни, јавува Агенција Анадолија (АА)
Поранешниот дипломат Мајкл Ковриг и бизнисменот Мајкл Спавор се уапсени во Кина во декември 2018 година, а почетокот на судењето би можело додатно да ги искомпликува кинеско-канадските односи.
Весникот „Саут Чајна морнинг пост“ (South China Morning Post) известува дека обвинението против Ковриг е поднесено во Судот во Пекинг, а обвинението против Спавор во Лиаонинг. И двајцата се обвинети за собирање државни тајни и доверливи разузнавачки податоци во корист на друга држава.
Истиот извор наведува дека Ковриг и Спавор биле притворени во ќелии во кои светлата се вклучени и дење и ноќе.
Сепак, многу аналитичари тврдат дека кинеското апсење и процесуирање на канадските државјани е еден вид одговор на апсењето на челничката на компанијата „Хуавеи“, Менг Ванжу. Таа беше уапсена во Канада на барање на САД во декември 2018 година, под обвинение за кршење санкции против Иран.
Менг се наоѓа во домашен притвор во Ванкувер, Канада, и се очекува рочиштето во врска со американското барање за екстрадиција да се одржи во таа земја. Менг ги негира обвинувањата и бара да се отфрли барањето за екстрадиција во САД.