Tevfik Durul
25 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
ПЕКИНГ (АА) - По пораките дека Вашингтон ќе ги штити интересите на САД во Јужното Кинеско Море и дека ќе го брани слободниот пристап до меѓународните води, властите на Кина одговорија дека новоименуваниот американски претседател Доналд Трамп и неговата администрација нема што да бранат во тоа море, пренесува Anadolu Agency (AA).
Кинескиот државен весник „Чајна дејли“ на насловна страна од последното издание објави текст во кој одговара на последните изјави на официјален Вашингтон, а во текстот се наведува дека Кина не се сомнева оти администрацијата на САД ќе се обиде прашањата за Тајван и за Јужното Кинеско Море да ги користи како адут во стратешкото натпреварување со Кина.
Кандидатот за американски државен секретар во администрацијата на Трамп, Рекс Тилерсон, неодамна изјави дека САД треба да ѝ го забрани на Кина пристапот до Јужното Кинеско Море, а „Чајна дејли“ пишува дека таа агресивна реторика би можела да даде катастрофални резултати доколку се претвори во конкретни активности.
Потсетувајќи и на вчерашната порака на портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер, во која тој најави дека Вашингтон ги штити своите интереси во Јужното Кинеското Море, весникот „Чајна дејли“ предупедува дека тоа се јасни показатели за растот на тензиите и за зголемување на можноста за избивање на американско-кинески судир.
Кинеските власти тврдат дека вистината е сосема различна од онаа што е претставена на сателитските фотографии, на кои се гледа како кинеската војска гради бази во Јужното Кинеско Море.
„Трамп и неговиот тим немаат што да забранат во Јужното Кинеско Море. Доколку во тој регион избие војна, тоа ќе се случи исклучиво поради активностите на американската војска“, се наведува во текстот на провладиниот весник „Чајна дејли“.
- Контактот на Трамп со тајванскиот лидер предизвика тензии -
Официјален Пекинг остро го критикуваше и минатомесечниот телефонски разговор меѓу новоизбраниот претседател на САД, Трамп и тајванскиот лидер Цаи Инг-вен, а тој контакт го оценија како грубо кршење на дипломатскиот кодекс.
Кина е загрижена поради критиките на Трамп за американската политика во која официјален Пекинг од 1979 година се смета за единствен легален претставник на кинескиот народ.
Пред именувањето на функцијата претседател на САД, Трамп најави дека ќе преговара со Кина за ревизијата на нејзината политика на единствена Кина. Тој преку Твитер порача дека нема потреба со Пекинг да се консултира за тоа дали треба да прими повик од тајванскиот лидер, токму како што Кина не ги прашува САД кога ги гради воените бази во Јужното Кинеско Море.
Повикувајќи се на картите од 1940 година, Кина смета дека ѝ припаѓаат 80 отсто од површината на Јужното Кинеско Море, кое се простира на речиси три милиони квадратни километри.
- Причина за спорот околу Јужното Кинеско Море се богатите природни ресурси -
Со изградбата на вештачките острови на кои се подигаат воени бази, Кина се обидува да ја задржи контролата над Јужното Кинеско Море.
Станува збор за подрачје со богати подземни наоѓалишта на природни ресурси, што е причина децениското спорење за правото на тоа подрачје меѓу Кина, Виетнам, Филипините, Брунеите, Малезија и други соседни земји.
Во Јужното Кинеско Море поминува важна рута на глобалниот трговски транспорт, со која годишно се овозможува трговска размена од речиси пет трилиони долари.
Поранешната администрација на американскиот претседател Барак Обама го застапуваше ставот спорните води на Јужното Кинеско Море да имаат меѓународен карактер и неретко во тој регион испраќаше воени елементи.
Обама ја обвини Кина за кршење на меѓународното право со изградбата на вештачките острови и за „милитаризација“ на меѓународните води на Јужното Кинеско Море.