Adem Şalvarcıoğlu
24 Мај 2018•Ажурирај: 25 Мај 2018
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Компјутерски хакери во последните три недели извршија напади во 54 земји во светот, особено во Украина, успевајќи да навлезат во 500.000 рутери, јавува Anadolu Agency (AA).
Аналитичарите на Талос, оддел за сајбер-безбедност на компанијата за компјутерски системи „Циско“ (Cisco), соопштија дека хакерите преку програмата VPNFilter успеале да навлезат во домашните и во рутерите на малите фирми во 54 земји.
Во соопштението се наведува дека програмата VPNFilter од рутерите може да ги преземе информациите за конекција, овозможувајќи сајбер-напад. Програмата, само со една наредба овозможува затворање на уредот и бришење на сите програми.
Според извештајот на „Циско“, хакерските програми кои се користат од 2016 година наваму, последните три недели како цел ја имаат Украина.
Во соопштенијата на САД и Украина се тврди дека зад сајбер-нападите стои Русија.
Министерството за внатрешна безбедност на САД истакна дека во последните напади изведени со VPNFilter, забележани се кодови кои претходно ги користеле руските хакери, предупредувајќи дека е можно цел на сајбер-нападите да биде прославата на Денот на уставноста на Украина или финалниот натпревар на Лигата на шампиони во Киев, кој ќе се одржи на 26 мај.
Американското Министерство за внатрешна безбедност соопшти дека доколку VPNFilter навлезе во рутерот, уредот станува неупотреблив, истакнувајќи дека во тој случај ќе биде прекинат пристапот до интернет на стотици илјади корисници кои тоа го постигнуваат преку таквите уреди.
Сервисот за безбедност на Украина објави дека пред одржувањето на натпреварот очекуваат обемен сајбер-напад.