АНКАРА (АА) - ЏЕЈХУН АЛИЈЕВ -
Ескалацијата на пограничните судири по должината на ерменско-азербејџанската граница е најново обновување на долготрајниот конфликт меѓу двете поранешни советски држави, пишува Агенција Анадолија (АА).
Околу 20 отсто од територијата на Азербејџан, вклучително и регионот на Нагорно Карабах, е под окупација на Ерменија веќе речиси три децении.
Четири резолуции на Советот за безбедност на ОН и две одлуки на Генералното собрание на ОН, како и одлуки на многу меѓународни организации се однесуваат на овој факт и бараат повлекување на окупаторските сили на Ерменија од Нагорно Карабах и седумте околни окупирани региони на Азербејџан.
Окупираниот регион Нагорно Карабах ги вклучува градовите Шуша, Ханкенди, Хоџали, Ашгаран, Хоџаванд, Агдара и Хадрут.
Останатите седум окупирани региони на Азербејџан се окрузи околу Нагорно Карабах - Лачин, Калбаџар, Агдам, Фузули, Џабраил, Кубадли и Зангилан.
Според официјалните податоци на Азербејџан, за време на конфликтот во Нагорно Карабах над еден милион Азербејџанци се раселиле во рамките на државата, 20.000 загинале во воените операции, додека 50.000 биле ранети и станале инвалиди.
За време на конфликтот исчезнаа најмалку 4.000 Азербејџанци и нивната судбина останува непозната. Над 2.000 Азербејџанци беа заробени и земени како заложници од ерменските сили.
Во 1923 година, советската Влада ја формира Автономната Област Нагорно Карабах (НКАО), со вкупна површина од 4.400 квадратни километри во планинскиот дел на Карабах, поставувајќи ги темелите на сепаратистичките тенденции во тој регион.
Во раните 1980-ти години, Ерменците под советско раководство заедно со лидерите на Советска Ерменија и нејзината дијаспора го искористија слабеењето на централната власт на СССР за да започнат кампања за анектирање на Автономната Област Нагорно Карабах кон Ерменија.
Конфликтот поемѓу Ерменија и Азербејџан за Нагорно Карабах беше предизвикан од отворените територијални претензии на Ерменците кон историските територии во Азербејџан, како и со етничките провокации во 1988 година.
Од 1987 до 1989 година, над 250.000 Азербејџанци беа протерани од нивните историски области во Ерменија, додека 216 од нив беа брутално убиени, а 1.154 ранети.
На 20 февруари 1988 година на сесијата на Конгресот на советски народни пратеници од Автономната Област Нагорно Карабах, членовите на ерменската заедница во тој регион усвоија резолуција за барање до Врховниот совет на Азербејџан ССР и Ерменската Советска Социјалистичка Република (Ерменска ССР или Советска Ерменија) за анексија на Автономната Област Нагорно Карабах кон Ерменска ССР.
На 22 февруари 1988 година, Ерменците отворија оган врз мирните демонстрации организирани од Азербејџанците во близина на градот Ашгаран во знак на протест против оваа резолуција, во кој загинаа двајца Азербејџанци.
На 1 декември 1989 година, Врховниот совет на Ерменска ССР ја усвои резолуцијата „За обединување на Ерменска ССР и Нагорно Карабах“.
На 10 јануари 1990 година, Президиумот на Врховниот совет на СССР ја усвои резолуцијата „За неконформизам со Уставот на СССР на актите за Нагорно Карабах донесени од Врховниот совет на Ерменска ССР на 1 декември 1989 година и на 9 јануари 1990 година“. Резолуцијата го декларира како нелегално барањето на Ерменска ССР за обединување на Ерменска ССР и Нагорно Карабах, истакнувајќи дека таквиот акт може да се реализира само со согласност на советската република Азербејџан.
На 30 август 1991 година, Врховниот совет на Азербејџан прогласи обновување на државната независност, која за првпат беше стекната уште во 1918 година.
На 18 октомври, земјата го донесе Уставниот акт „За државна независност на Република Азербејџан“.
На 26 ноември 1991 година, Врховниот совет на Република Азербејџан го донесе законот „За аболиција на автономната област Нагорно Карабах на Република Азербејџан“.
Кон крајот на 1991 година до почетокот на 1992 година конфликтот влезе во воена фаза.
Во тој период, искористувајќи го распадот на Советскиот Сојуз и политичката нестабилност во Азербејџан предизвикана од внатрешните несогласувања, Ерменија започна воени операции во Нагорно Карабах со надворешна воена поддршка.
На 26 февруари 1992 година, ерменските сили извршија масакр - познат како геноцидот во Хоџали - врз етничкото азербејџанско население во градот Хоџали.
Во мај 1992 година, ерменските сепаратистички сили ги окупираа градовите Шуша и Лачин.
Во 1993 година, Ерменските вооружени сили зазедоа уште шест азербејџански области околу Нагорно Карабах, Калбаџар, Агдам, Фузули, Џабраил, Кубадли и Зангилан.
На 30 април 1993 година, Советот за безбедност на ОН ја донесе резолуцијата 822 со која побара итно повлекување на сите окупациски сили од подрачјето на Калбаџар и другите окупирани области на Азербејџан.
Советот за безбедност во дел од резолуцијата бележи: „со тревога за ескалацијата на вооружените судири, а особено, за последната инвазија врз округот Калбаџар на Република Азербејџан од страна на локалните ерменски сили“.
На 29 јули 1993 година, Советот за безбедност на ОН ја донесе резолуцијата 853 со која се бара „итно целосно и безусловно повлекување на окупаторските сили“ од областа Агдам и сите други окупирани области на Азербејџан.
На 14 октомври 1993 година, Советот за безбедност на ОН ја усвои резолуцијата 874, повикувајќи на итно спроведување реципрочни и итни чекори предвидени со Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (СЕБС) на Групата Минск, вклучително и повлекување на силите од окупираните територии.
На 11 ноември 1993 година, СБОН ја донесе резолуцијата 884 со која се осудуваат прекршувањата на примирјето воспоставено меѓу страните, што резултираше со продолжување на воените дејствија, особено осудувајќи ја окупацијата на округот Зангилан и градот Хорадиз, нападите врз цивилите и бомбардирањата на територијата на Република Азербејџан.
Резолуцијата бараше и еднострано повлекување на окупаторските сили од округот Зангилан и градот Хорадиз и нивно повлекување и од другите окупирани области на Република Азербејџан.
Во февруари 1992 година започна посредничкиот процес за ерменско-азербејџанскиот конфликт за Нагорно Карабах како дел од Конференцијата за безбедност и соработка во Европа.
На 24 март 1992 година, Комитетот на високи претставници го свика Дополнителниот состанок на Советот на КБСЕ во Хелсинки, каде што Советот одлучи да свика специјална конференција во Минск, која ќе делува како постојана рамка за преговорите за изнаоѓање најбрзо можно мировно решение за конфликтот во согласност со принципите, обврските и одредбите на КБСЕ.
На 12 мај 1994 година, страните прогласија прекин на огнот.
На 5 и 6 декември 1994 година, на Самитот на КБСЕ во Будимпешта, шефовите на држави и влади на земјите учеснички на КБСЕ ја формираа институцијата за копретседателство на Конференцијата во Минск, со цел да ги координираат сите напори за медијација во рамките на КБСЕ.
Самитот во Будимпешта го задолжи претседавачот на КБСЕ да реализира преговори за склучување политички договор за прекин на вооружениот конфликт, елиминирање на последиците од конфликтот и за одржување на Конференцијата од Минск.
Групата Минск има 17 членки, меѓу кои е и Турција. Но, само три - Франција, Русија и САД - имаат позиции на копретседавачи. Но, копретседавачите не се зазедоа сериозно за да се стави крај на окупацијата.
На 23 март 1995 година, претседавачот со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) издаде мандат за копретседавачи на Минскиот процес.
На 2-3 декември 1996 година, на Самитот на ОБСЕ во Лисабон, копретседавачите на Минската група на ОБСЕ и претседавачот на ОБСЕ ги изнесоа принципите што треба да бидат основа за решавање на конфликтот во Нагорно Карабах.
Но, Ерменија не ги прифати тие принципи и беше единствената земја од 54 земји учеснички во ОБСЕ што не ги поддржа.
На 14 март 2008 година, Генералното собрание на ОН донесе резолуција која ги опфати правните, политичките и хуманитарните аспекти на конфликтот и ги потврди принципите за негово решавање.
Овие принципи го потврдија територијалниот интегритет на Азербејџан, ги поддржаа меѓународно признатите граници на земјата и побараа итно повлекување на сите ерменски сили од сите окупирани територии, го потврдија неотуѓивото право на азербејџанското население да се врати во своите домови и потврдија дека ниту една држава не смее да ја признае како законита ситуацијата што произлегува од окупацијата на териториите на Азербејџан или да пружи помош за одржување на таа ситуација.
ЕУ, исто така, повика на спроведување на резолуциите од Советот за безбедност на ОН, на повлекување на ерменската Армија од окупираните азербејџански територии, почитување на територијалниот интегритет и меѓународно признатите граници на двете страни и на ставање крај на меѓународно нелегитимната и изнудена ситуација.
Заедничката декларација, потпишана на Самитот за Источно партнерство во Брисел на 24 ноември 2017 година, ја потврди решеноста на ЕУ да го поддржи територијалниот интегритет, суверенитет и независност на сите нејзини партнери.
Во април 2016 година, Ерменија повторно изведе воена провокација, гранатирајќи ги густо населените области на Азербејџан по должината на линијата на фронтот, што доведе до жртви.
news_share_descriptionsubscription_contact


