Burç Eruygur
04 Мај 2023•Ажурирај: 05 Мај 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Кремљ тврди дека за изведување на нападот со беспилотни летала од страна на Украина врз резиденцијата на претседателот Владимир Путин доцна во вторникот одлучиле Соединетите Американски Држави (САД), јавува Анадолу.
„Свесни сме дека одлуките за такви акции, за такви терористички напади, не се носат во Киев, туку во Вашингтон. И Киев веќе го прави она што му е кажано да го прави“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на брифингот за медиумите.
Песков истакна дека често, целите за ваквите напади не се одредуваат од Украина, туку од САД, а потоа се испорачуваат до Киев за извршување.
„Само мал дел од овие податоци се обелоденуваат. Но, тука е многу важно Вашингтон да разбере дека ние го знаеме ова, и да разбере колку е опасно таквото директно учество во конфликтот“, додаде Песков.
Тој истакна дека рускиот Истражен комитет, како и други агенции, темелно го истражуваат нападот со дрон, чии резултати, како што рече, зависат од оние кои работат на истрагата.
Кремљ вчера соопшти дека Украина се обидела да ја нападне резиденцијата на претседателот Путин со два дрона, кои, како што соопшти, биле соборени во вторникот вечерта.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски и други украински официјални претставници негираа вмешаност на Киев во нападот со беспилотни летала.