Dmitri Chirciu
01 Март 2022•Ажурирај: 02 Март 2022
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна дека украинската страна треба да ја разбере сериозноста на ситуацијата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Лавров во видеопораката што ја испрати на 49-тата седница на Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) се осврна на војната меѓу Русија и Украина.
Наведувајќи дека ситуацијата во светот е влошена, Лавров рече: „Ова е затоа што САД и нивните сојузници продолжуваат агресивно да го наметнуваат својот поредок заснован на правилата на меѓународната заедница. Како овој поредок влијае на човековите права се гледа во примерот на Украина.“
Истакнувајќи дека во Украина се прекршени човековите права, Лавров рече дека рускиот претседател Владимир Путин ѝ наложил на руската Армија да започне специјална воена операција во Украина на 24 февруари.
„Целта на нашите акции е ослободување на народот и демилитаризација на Украина преку исполнување на нашите сојузнички обврски. Ова е особено актуелно прашање во време на обидите да се повлече Украина во НАТО, и да се вооружува“, рече Лавров.
- „Се надеваме дека Украина ќе ја разбере сериозноста на ситуацијата“ -
Потсетувајќи дека вчера започнал преговарачкиот процес меѓу претставниците на Русија и Украина за да се запре војната, Лавров рече: „Се надеваме дека украинската страна ќе ја разбере сериозноста на ситуацијата, нејзината одговорност, дека треба да дејствува независно, дека треба да може да се договора и дека не треба да се повтори ситуацијата во врска со договорите од Минск.“
- „Мора да се стави крај на арогантната филозофија на Западот“ -
Изјавувајќи дека западните земји следат политика против Русија, Лавров рече: „САД и нивните сојузници, кои се одговорни за убиството на стотици илјади луѓе во Југославија, Ирак, Либија и Авганистан, како и за кршењето на човековите права и меѓународната хуманитарна помош и закони, уште еднаш применуваат двојни стандарди.“
Нагласувајќи дека Западот применува „незаконски санкции“ кон неговата земја, Лавров додаде: „Мора да се стави крај на арогантната филозофија на Западот, што се заснова на чувството на супериорност, ексклузивност и толеранција. Суверената еднаквост на државите е основниот принцип на повелбата на ОН.“
Меѓу другото, Лавров изјави дека Русија е отворена за „еднаков дијалог“ и бара „праведна рамнотежа на интересите“.