Ikrame Imane Kouachi
29 Септември 2024•Ажурирај: 30 Септември 2024
БЕЈРУТ (АА) - Привремениот либански премиер Наџиб Микати денес соопшти дека околу еден милион жители се раселени поради израелските напади, што претстравува најголемиот бран на раселување во историјата на земјата, јавува Анадолу.
„Либан го доживува најголемиот бран на раселување во својата историја“, рече Микати на прес-конференција по состанокот на владиниот комитет за вонредни состојби во Бејрут.
„Наш приоритет е да ја запреме тековната израелска агресија преку континуирани дипломатски напори. Немаме друг избор“, истакна тој.
Микати ја потврди посветеноста на Либан кон резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН), која повикува на прекин на непријателствата меѓу Израел и Хезболах.
„Либанската армија е подготвена да ја имплементира резолуцијата“, рече тој, нагласувајќи ја важноста на спречување на понатамошната ескалација.
Микати претходно имаше телефонски разговор со неговиот ирачки колега Мухамед Шија ал-Судани во кој му се заблагодари за поддршката и помошта на Багдад за Либан.
Судани од своја страна ја потврди посветеноста на Ирак за поддршка на Либан, се вели во соопштението од Кабинетот на Микати.
Ирачкиот премиер, исто така, изрази сочувство за убиството на генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрала, во израелскиот воздушен напад во Бејрут во петокот.
Израелската армија започна напади врз Либан од 23 септември, во кои загинаа најмалку 816 луѓе, а повредени се над 2.500, соопшти либанското Министерство за здравство.
Хезболах и Израел разменуваат прекуграничен оган од почетокот на израелската војна во Газа, во која загинаа речиси 41.600 луѓе, главно жени и деца, по прекуграничниот напад на Хамас минатиот 7 октомври.
Оттогаш во Либан убиени се најмалку 1.673 луѓе, од кои 194 жени и 104 деца, а над 8.600 се повредени, според либанските власти.
Меѓународната заедница предупреди дека израелските напади во Либан би можеле да го ескалираат тековниот конфликт во Газа во поширока регионална војна.