Mohamed Sabry Emam Muhammed
20 Октомври 2019•Ажурирај: 21 Октомври 2019
БЕЈРУТ (АА) - Маронитската христијанска партија ја напушти Либанската влада, во услови на масовни протести против плановите на коалицискиот Кабинет за зголемување на даноците, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во телевизискиот говор доцна синоќа, Самир Џаџа, лидерот на партијата Либански сили, истакна дека четворица министри од неговата партија ја напуштаат Владата.
„Актуелната Влада не е во состојба да ги преземе потребните чекори за спас на земјата“, рече Џаџа.
Тој истакна дека неговата партија побарала од министрите да дадат оставки, и повика на формирање нова влада.
Илјадници луѓе излегоа на улиците вчера, на третиот ден од протестите против владините планови за воведување даноци за повиците преку Ватсап (Whatsapp) и слични апликации.
Либан во првиот квартал годинава има најголем долг на светско ниво од 86,2 милијарди долари. Ова, проследено со високата стапка на невработеност на младите, го изведе населението на улиците.
Премиерот на Либан, Саад ал-Харири, ги обвини своите партнери во Владата за попречување на економските реформи што можат да ја решат кризата и им даде 72-часовен рок да престанат со блокирањето, во спротивно навести дека е можно да поднесе оставка.
Вчера, водачот на Хезболах, Хасан Насрала, истакна дека неговата група е против оставка на Владата.