Mahmut Geldi
05 Септември 2020•Ажурирај: 06 Септември 2020
БЕЈРУТ (АА) - Шеик Субхи Туфејли, шиитски научник во Либан и прв генерален секретар на Хезболах, рече дека францускиот претседател Емануел Макрон „доаѓа во Либан како нов окупатор“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во петочната хутба, шеикот Туфејли го оцени пристапот на Макрон кон Либан, кој двапати ја посети земјата по експлозијата во пристаништето во Бејрут.
Истакнувајќи дека никој не треба да го гледа Макрон како љубезен, Туфејли нагласи: „Тие што ја гледаат Франција како љубезна земја за христијаните или оние што го гледаат Иран како љубезна земја за шиитите, грешат.“
Туфејли, критикувајќи го односот на либанските власти кон Макрон, рече:
„Сите политички страни во Либан му се поклонија на Макрон. Ако го направивте тоа со мисла дека во земјата постои катастрофа од социјален, економски и безбедносен план, таа катастрофа ја предизвикавте вие. (По Првата светска војна францускиот командант генерал Анри Гуро дојде за да ги окупира земјите, и сега Макрон доаѓа со исто мислење како нов окупатор.“
Шеикот Туфејли истакна дека политичките партии во Либан немаат никаква улога во назначувањето на Мустафа Едиб за мандатар на Владата наместо Хасан Дијаб, кој поднесе оставка по страшната експлозија во Бејрут.
- Кој е шеикот Туфејли?
Шиитскиот религиозен научник шеикот Туфејли, коосновач и прв генерален секретар на либанската организација Хезболах, преживеал обид за атентат во 1988 година. Постои сомневање дека атентатот е изведен од страна на Израел и САД.
Шеикот Туфејли реши да се раздели од организацијата како резултат на контроверзиите за учеството на Хезболах на општите избори во 1992 година.