İlayda Çakırtekin
02 Октомври 2025•Ажурирај: 03 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Дроновите што го нарушуваат европскиот воздушен простор „може да бидат уништени“, предупреди францускиот претседател Емануел Макрон денес, а лидерите размислуваат за одговор на сомнителните руски прекршувања на воздушниот простор во изминатите недели, јавува Анадолу.
„Многу е важно да имаме јасна порака: Дроновите што би ги нарушиле нашите територии, едноставно преземаат голем ризик. Тие може да бидат уништени“, рече Макрон на состанокот на Европската политичка заедница во Копенхаген.
Тој потврди дека ќе сторат сè што мора за да ги зачуваат воздушниот и територијалниот интегритет.
„Подготвени сме и во позиција сме да ги зачуваме нашиот воздушен и територијален интегритет. Подготвени сме на источното крило на НАТО и во исто време подготвени сме и покрај тоа и без намалување на оваа обврска да осигуриме безбедносни гаранции за Украина“, додаде Макрон.
Вчера, во интервјуто за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Макрон рече дека нема да исклучат ништо, доколку руски борбен авион влезе во европскиот воздушен простор.
„Во согласност со доктрината за стратегиска двосмисленост, можам да ви кажам дека ништо не е исклучено“, рече тој.
Повеќе земји членки на ЕУ, меѓу кои Полска, Романија, Латвија, Естонија, Норвешка и Данска, неодамна пријавија нарушувања на воздушниот простор од страна на дронови.