Ekip
10 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
ПАРИЗ
Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во телевизиско обраќање изјави дека Франција ќе започне со изградба на нови нуклеарни реактори за да ја гарантира енергетската независност, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Првпат по неколку децении, повторно ќе започнеме со изградба на нуклеарни реактори во нашата земја и ќе продолжиме да развиваме обновливи извори на енергија“, изјави Макрон, не откривајќи детали за бројот и локацијата на реакторите.
Тој изјави дека новите реактори ќе гарантираат енергетска независност, снабдување со електрична енергија и ќе ѝ овозможат на Франција да ги постигне своите цели, вклучувајќи ја неутралноста на јагленот во 2050 година.
Франција од нуклеарните реактори „црпи“ околу 70 отсто од својата електрична енергија. Според политиката на енергетска транзиција од 2015 година, Владата планира да го намали својот удел на нуклеарна енергија на 50 отсто до 2025 година, со цел да го зголеми уделот на обновливата енергија. Земјата моментално заостанува зад целите за обновливите извори на енергија кои ги постави Европската Унија.
„Ако сакаме да ја плаќаме својата струја по разумни цени и да не зависиме од странските земји, мораме и понатаму да штедиме енергија и да вложуваме во производството на енергија без јаглен на нашето тло“, изјави Макрон.
Франција во моментот има 56 оперативни нуклеарни реактори и еден европски реактор во изградба во електраната „Фламанвил“. Проектот, започнат во 2007 година, е одложен и веројатно ќе биде завршен до 2023 година.
Во октомври Макрон најави инвестиции од 8 милијарди евра во секторот за нуклеарна енергија. Тоа е трет најголем индустриски сектор во земјата.