Muhammed Emin Canik
06 Мај 2020•Ажурирај: 07 Мај 2020
БУЕНО АИРЕС
Во јужноамериканската држава Аргентина се случи несреќа при слетување на мал авион. Во несреќата животот го загубија две лица, а две се повредени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во вестите објавени во аргентинските медиуми се наведува дека во јужниот дел на земјата, во градот Ескуел кој се наоѓа во покраината Чубут, мал авион од типот „Лерџет 35“ со четири лица, се урнал при слетување на аеродромот „Антонио Пароди“. Во несреќата животот го загубиле две лица, а две се повредени.
Во авионот кој летал од покраината Буенос Аирес се наоѓале двајца членови на екипажот, еден лекар и медицинска сестра. Во несреќата животот го загубиле лекарот и медицинската сестра.
Повредените членови на екипажот се префрлени во регионалната болница во Ескуел, од каде што информираат дека пилотот се наоѓа во тешка здравствена состојба.
Во вестите се наведува дека авионот допатувал од Буенос Аирес за да преземе болно дете кое требало да се транспортира.
Се претпоставува дека до несреќата дошло поради густата магла.