Ekipa
19 Февруари 2017•Ажурирај: 19 Февруари 2017
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - Малезија трага по уште четворица осомничени Севернокорејци кои ја напуштија земјата истиот ден кога Ким Чон-нам, полубратот на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, почина на аеродромот, пренесува Anadolu Agency (AA).
Заменик-началникот на малезиската полиција Нур Рашид, на прес-конференција го објави идентитетот на четирите осомничени лица. Тој исто така прикажа фотографии на двајца Севернокорејци чии идентитети не се откриени, но по нив е покрената потрага поради сомнение дека се поврзани со наводното убиство на Ким Чон-нам.
Чон-нам почина во понеделникот откако одеднаш му се слошило на аеродромот во Куала Лумпур. Тој побара медицинска помош, а службениците кои му ја пружија помошта велат дека пред да умре рекол дека бил нападнат со хемиски спреј. Чон-нам почина во амбулантно возило на пат кон болницата.
Малезиската полиција објави дека четири лица се уапсени за поврзаност со неговата смрт.
Приведени се две жени – една со потекло од Виетнам, другата со потекло од Индонезија. Двете се идентификувани со помош на надзорните снимки на аеродромот во Куала Лумпур.
Освен двете женски лица, приведено е и машко лице, државјанин на Малезија. Се верува дека тој е парнер на втората осомничена. Уапсен е и државјанин на Северна Кореја.
Ким Чон-нам е најстариот син на поранешниот севернокорејски лидер Ким Џонг-ил. Во Северна Кореја нема никаква титула бидејќи е роден во вонбрачна врска на поранешниот лидер со јужнокорејската актерка Сунг Хае-рим.