Ekip
19 Март 2025•Ажурирај: 20 Март 2025
КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Стотици Израелци се собраа пред резиденцијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, барајќи оставка на Владата на Нетанјаху и повикувајќи на предвремени избори, јавува Анадолу.
Демонстрантите, веејќи израелски знамиња и држејќи транспаренти со разни натписи, го осудија Нетанјаху за обновувањето на нападите врз Газа поради политичка корист и за загрозување на израелските заложници.
Десетици илјади во сите делови на Израел се спротивставија на обновените напади и на обидот да се разреши шефот на домашната служба за безбедност Шин Бет, Ронен Бар. На протестите дојде и до интервенција на полицијата.
„Време е да ставиме крај на ова лудило пред да немаме кого да спасиме, пред да не ни остане земја“, рече лидерот на протестот Шикма Бреслер.
Според израелскиот портал „Тајмс оф Израел“, демонстрантите го блокирале Пат 1, главен влез во Ерусалим, марширајќи кон резиденцијата на Нетанјаху.
Викендов Нетанјаху изјави дека ќе го отпушти шефот на Шин Бет, Ронен Бар, наведувајќи го како причина „недостигот на доверба“.
Тензиите меѓу Нетанјаху и Шин Бет ескалираа по внатрешната истрага на агенцијата за нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година од страна на палестинската група Хамас. Нетанјаху ги отфрли наодите од извештајот, велејќи дека тие не успеале да одговорат на клучните прашања.
Вчера Владата на Нетанјаху ги продолжи воздушните напади врз Газа, во кои се убиени над 400 Палестинци, со што го прекрши договорот за прекин на огнот и размена на затвореници.
Опонентите стравуваат дека продолжувањето на војната во Газа ќе ја уништи секоја шанса за ослободување на околу 59 Израелци кои ги држи Хамас во енклавата.
Речиси 50.000 Палестинци се убиени, главно жени и деца, а повеќе од 112.000 се повредени во бруталната израелска воена кампања во Газа од октомври 2023 година.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.