Vesna Besiç
09 Август 2019•Ажурирај: 10 Август 2019
МЕКА
Повеќе од 2 милиони аџии, меѓу кои се наоѓаат и неколку илјади аџии од балканските простори, денес ќе ги нагрнат своите ихрами (бело парче платно кое се облекува при извршување аџилак), и ќе донесат одлука за извршувањето аџилак, чиј составен дел е престој на Арефат, пренесува Anadolu Agency (AA).
Деветтиот ден на последниот месец на хиџретскиот календар, познат и како Ден на Арефат, оваа година е на 10 август. Ноќта од петок кон сабота аџиите организирано одат до оваа висорамнина, оддалечена 22 километри југоисточно од Харемот во Мека.
Ден пред Курбан бајрам аџиите го извршуваат задолжителниот дел од аџилакот - престој на брдото Арефат. Сите обреди на аџилакот можат да се надополнат, освен престојот во Арефат.
Постојат две преданија според кои Арефат го добил името. Едното тврдење е дека името го добил по тоа што тука се запознале првиот маж и првата жена, Адем (Адам) и Хава (Ева). Бидејќи ја прекршиле забраната, Алах ги извлекол Адем и Хава од рајот и им наредил да се населат на Земјата. Исламскиот историчар Ибн Џерир ет-Тебери наведува дека Адем е спуштен некаде во Индија, додека Хава во Џеда, во близина на Мека. По спуштањето на Земјата тргнале во потрага еден по друг.
Адем долго се движел по мракот и ја барал Хава. Здогледал како се раѓа денот. Воодушевен, станал за да се помоли и да клања. Кога го дал селамот (поздрав) на лева страна ја здогледал Хава како седи. Местото на средбата било на Арефат, кое и денес се нарекува Jabal al-Rahmah (Брдо на милоста) и кое нѐ потсетува на Алаховата неизмерна милост укажана кон човечкиот род.
Според друго предание, Арефат го добил името по тоа што луѓето на него ги признаваат своите гревови (од арапскиот збор i'terefe - да се признае) и го наведуваат мислењето дека значењето на Арефат е сознание или врв на сознанието.
Со престој на Арефат, аџиите се присетуваат на првата средба на Адем и неговата сопруга Хава на Земјата, прататкото и прамајката на целото човештво. Исто така, собирањето на луѓето на Арефат во толкава бројка асоцира на судниот ден, кога секој муслиман ќе застане пред Господ и ќе одговара за своите дела.
Божјиот пратеник Мухамед искажал бројни хадиси (поуки) кои зборуваат за важноста и значењето на Денот на Арефат, а токму на тоа место го одржал и својот познат говор за аџилак за простување. Оваа традиција на давање насоки на аџиите е присутна и денес, а се одржува на неколку светски јазици.