Erbil Başay
29 Јуни 2017•Ажурирај: 29 Јуни 2017
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека светските проблеми нема да бидат решени доколку се изолираат или се спроведува протекционизам, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларката Меркел пред германскиот Федерален парламент зборуваше за минатонеделниот Самит на лидерите на ЕУ и за Самитот на Г20, кој треба да се одржи идната недела, истакнувајќи дека Самитот на лидерите на ЕУ дал сигнали за виталност и доверба.
Меркел пред парламентот изјави дека оптимистички гледа кон иднината на Европа, истакнувајќи дека тоа произлегува од усогласеноста на Германија и Франција и работниот дух на сите земји-членки на ЕУ.
Меркел во своето обраќање рече дека на Самитот станало збор за теми поврзани со иднината на Европа и нејзината улога во светот, борбата со климатските промени, заканата од меѓународниот тероризам, миграциите, можностите кои се темелат на глобализација и дигитализација, кои се од интерес на сите земји.
- Критики за Трамп -
Меркел ја критикуваше протекционистичката политика на американскиот претседател Доналд Трамп. „Оној кој верува дека светските проблеми ќе се решат со нивна изолација и протекционизам, многу греши. Проблемите со климата можеме да ги решиме само доколку заеднички го дадеме вистинскиот одговор. Тоа што важи за Г20, важи и за САД“, рече Меркел.
Таа истакна дека ЕУ стои зад Парискиот договор за климатските промени и во најскоро време ќе почне да го имплементира. „По напуштањето на САД на Парискиот договор за борба против климатските промени, поодлучни сме од кога било договорот да биде успешен“, истакна Меркел.
Меркел посочи дека заштитата на климата е испит поврзан со опстанокот на светот. Таа нагласи дека Германија ќе ги изврши своите обврски по ова прашање и додаде оти за овој договор не може да се преговара.
Таа рече дека на Самитот на Г20, кој ќе се одржи на 7 и 8 јули, ќе стане збор за теми поврзани со тероризмот, климатските промени и протекционистичките политики. Канцеларката порача дека е потребно на Самитот на Г20, наспроти протекционистичката политика, да се заземе став на слободен пазар и мултилатерален трговски систем.
Меркел побара на Самитот на Г20 да се добие позитивен сигнал, истакнувајќи дека земјите-учеснички на самитот треба да разберат дека имаат одговорост кон светот и да ја преземат одговорноста.