Alma Dekovic
01 Април 2022•Ажурирај: 04 Април 2022
ОДЕСА (АА) - Студио на украински моден дизајнер од неодамна започна со шиење на облека за украинската војска, која ја брани својата земја од руските напади, јавува Агенција Анадолија (АА).
Модниот дизајнер Узун Виталиј, кој дизајнирал и продавал женска облека пред почетокот на војната, во моментот со своите вработени работи на производство на илјадници панцири за украинските војници.
„Пред војната шиев исклучиво дизајнерска облека за мажи и жени, од фустани до сакоа и капути. Но, откако започна непријатната ситуација во земјата - вонредна состојба, војна, морав брзо да се приспособам и да пружам секаков вид помош за Вооружените сили на Украина“, рече Виталиј на новинарот на АА.
Модното студио најпрво почна со шиење на термо облека, а подоцна направи и панцири, кои ги штитат војниците од куршуми.
„Во оваа фаза произведовме и испорачавме околу 2.500 парчиња панцири. Производството расте секој ден. Планираме до крајот на наредната недела да испорачаме околу 1.500 до 2.000 парчиња“, соопшти дизајнерот.
Војната на Русија во Украина, која започна на 24 февруари, наиде на остра меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Досега во војната во Украина загинаа најмалку 1.232 цивили, а 1.935 лице се повредени.
Повеќе од 4 милиони Украинци ја напуштија земјата, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.