Ekipa
01 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
ДАКА (АА) - По воениот пуч што утринава се случи во Мјанмар, репатријацијата на Рохинџите, кои избегаа поради злосторствата и прогонот што се вршеа врз нив, е неизвесна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бангладеш прими над милион Рохинџи муслимани, кои живеат во тесни импровизирани кампови во Кокс Базар, кој се смета за најголем град каде што се сместени бегалци во светот.
Повеќето од Рохинџите избегаа од насилството по воените операции во мјанмарската држава Аракан во 2017 година. Но многу од нив сè уште се таму, без државјанство и право на глас.
Мјанмар претходно соопшти дека се посветени кон процесот за репатријација во рамките на билатералниот договор, при што Бангладеш очекува процесот да започне во вториот квартал од оваа година.
Војската во Мјанмар сепак сега ја презеде власта по приведувањето на државната советничка Аунг Сан Су Чи и прогласи вонредна состојба на една година. Државниот удар следуваше по убедливата изборна победа на владејачката партија Национална лига за демократија во ноември 2020 година.
Минатиот месец, Дака започна да ги преместува Рохинџите на оддалечен остров во Бенгалскиот Залив. Досега, речиси 7.000 лица се преместени во Башан Чар, остров за кој се тврди дека е ризичен за живеење поради опасност од поплави.
„Можноста за репатријација, која и онака беше неизвесна, сега е уништена“, изјави за АА Кин Маунг, шефот на Здружението на млади Рохинџи. „Тоа ќе има огромно влијание врз нашето мирно враќање во нашата родна земја“, изјави тој.
Маунг ја повика меѓународната заедница да го крене својот глас за поддршка на демократијата и да изврши притисок врз Војската на Мјанмар да ги прифати резултатите од неодамнешните избори.
„Во Аракан сè уште живеат повеќе од 600.000 Рохинџи. Имам многу роднини таму. Загрижен сум за нив“, изјави Абдур Рахим, раководител на бегалскиот камп. „Сета надеж е уништена“, рече тој.
„ОН мора да дејствуваат против Војската на Мјанмар“, изјави Мају Кан, уште еден бегалец Рохинџа во кампот „Укиа“ во Кокс Базар. „Доколку ситуацијата не се контролира и не биде обезбедено мирно враќање веднаш, тоа ќе создаде проблеми за сите нас“, рече тој.
Маунг Зарни, активист за правата на Рохинџите, на Твитер соопшти дека Рохинџите ќе страдаат поради државниот удар во Мјанмар и се запраша кој сега ќе го брани случајот за геноцидот во Мјанмар во Меѓународниот суд за правдата.
Мјанмар се соочува со обвиненија за геноцид во судот во Хаг.
- Бангладеш очекува процесот на репатријација да продолжи -
По развојот на настаните во Мјанмар, Министерството за надворешни работи на Бангладеш соопшти дека очекува да продолжи процесот на репатријација.
„Ние бевме упорни во развојот на заемно корисни односи со Мјанмар и работевме со Мјанмар за доброволна, безбедна и одржлива репатријација на Рохинџите засолнети во Бангладеш“, се вели во соопштението. „Очекуваме овие процеси да продолжат.“