Mustafa Deveci
01 Февруари 2021•Ажурирај: 02 Февруари 2021
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел им испорача 2.000 дози од вакцината против коронавирусот на Палестинците со цел вакцинација на медицинските работници изложени на коронавирусот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Израелската медиумска куќа КАН објави дека израелската администрација утрово ги испратила вакцините против Ковид-19 во Палестина.
Наведоа дека израелските официјални претставници ја доставиле вакцината на палестинската страна преку контролниот пункт Бејтунија во близина на Рамала, на окупираниот Западен Брег.
Испораката е извршена во согласност со одлуката за давање 5.000 дози од вакцината против Ковид-19 на Палестина.
Од Кабинетот на израелскиот министер за одбрана, Бени Ганц, вчера беше соопштено дека Израел ќе даде 5.000 дози од вакцината против коронавирусот на Палестинците со цел да се вакцинираат медицинските работници изложени на вирусот.
Меѓународните организации го повикаа Израел, кој ги вакцинира своите граѓани, да обезбеди вакцини за Палестинците кои живеат на Западниот Брег и во Појасот Газа.
„Амнести интернешнал“, потсетувајќи ја израелската администрација на Женевската конвенција, на 6 јануари повика на чесна и правична распределба на вакцините против Ковид-19 за околу пет милиони Палестинци кои живеат на Западниот Брег и во Појасот Газа.
Израел наиде на критики од претставниците на Обединетите нации и групите за заштита на човековите права затоа што не обезбедил вакцини за Палестинците. Израел тврдеше дека не е одговорен.
Израел е еден од лидерите во вакцинирањето на населението во светски рамки по склучувањето на договорот за набавка на вакцини со меѓународните компании „Фајзер“ и „Модерна“.