Tufan Aktaş
28 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
МАПУТО (АА) - Админстрацијата на африканската земја Мозамбик почна да ги затвора џамиите во коишто откриле дека често биле посетувани од некои лица вмешани во терористичките напади извршени во октомври во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Според соопштеното, три џамии биле затворени во градот Пемба во покраината Кабо Делгадо, една од 11 покраини во земјата, а муслиманите реагираа против донесената одлука.
Алваро Гончалвес, локален претставник, во својата изјава објавена во државниот весник „Notícias de Cabo Delgado“ (Вести од Кабо Делгадо), вели дека оваа одлука е донесена како мерка од страна на владата, и информираше дека се затвораат само оние џамии со кои се поврзани лицата вмешани во нападите.
Гончалвес нагласи дека оваа одлука ќе се спроведува во некои области во покраината Кабо Делгадо како Чиуре, Монтепуез, Макомиа, Мосимбоа да Праја, Палма и Нангаде.
Претседателот на Исламскиот совет во Пемба, Насрулах Дула, истакна дека досега се затворени три џамии, а претседателот на Исламскиот совет во Мозамбик, шеик Саид Абибо, реагираше против одлуката на Владата и додаде дека ова негативно ќе влијае на муслиманите.
„Затворањето на џамиите предизвикува лоши чувства во муслиманската заедница. Животот на муслиманите се врти околу џамијата“, рече Абибо.
Во октомври, во Мозамбик беа извршени последователни напади врз полицијата. По овие напади, претседателот на Мозамбик, Филипе Нјуси, ги разреши претседателот на разунавачката служба и началникот на Генералштабот на земјата.
Според официјалните податоци, 18 отсто од населението се муслимани, а некои муслимански групи тврдат дека оваа стапка е повисока, односно 30 отсто.