Ekipa
24 Јануари 2016•Ажурирај: 25 Јануари 2016
КИШЊЕВ (АА) - Повеќе од 15 илјади граѓани излегоа на улиците на главниот молдавски град за да учествуваат во антивладини протести, барајќи предвремени избори во таа источноевропска сиромашна земја, пренесува Anadolu Agency.
Демонстрантите извикуваа: "Бараме да ни ја вратите земјата" и " Обединете се, граѓани" на романски и руски јазик. Протестот го организираа проруските политички партии и здружението "Гордост и вистина".
Демонстрантите изразија незадоволство поради падот на животниот стандард и осиромашување на земјата и наведоа дека проевропските партии кои се на власт од 2009 година, не успеаа да ги спроведат реформите. Повикаа на истрага во врска со нестанување на 1,5 милијарди долари од три банки воочи парламентарните избори во 2014 година.
Протестот е организиран откако демонстрантите минатата седмица влегоа во зградата на парламентот по што пратениците ја именуваа новата проевропска влада. На демонстрациите кои траат три дена учествуваа илјадници луѓе.