Qais Omar Darwesh Omar,Hacer Başer
08 Јуни 2023•Ажурирај: 09 Јуни 2023
РАМАЛА (АА) - Израелските сили го урнаа домот на палестинскиот затвореник Ислам ал-Ферух во окупираниот Западен Брег, известува Анадолу.
Единица на израелската армија постави експлозив во куќата во која живеело семејството на Ферух во Рамала. Експлозијата имала ефект до вториот кат од четирикатницата.
Истовремено дошло до судир меѓу израелските војници и младите од соседството што реагирале на уривањето. Израелските војници користеле вистински и гумени куршуми, а Палестинците фрлале камења.

Во инцидентите се повредени 16 Палестинци, а на десетици им наштетил солзавецот што го испукале израелските војници.
Според извештајот подготвен од Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA), израелските власти урнале 104 палестински објекти во окупираниот Источен Ерусалим од почетокот на 2023 година до крајот на мај, со образложение дека за нив „нема градежна дозвола“.
Палестинците кои се обвинети за напади, покрај со притвор и затвор, израелските сили ги казнуваат и со уривање на нивните домови.
Палестинецот Ислам ал-Ферух беше приведен на 27 декември 2022 година, под обвинение за организирање бомбашки напади во близина на автобуски постојки на две различни точки во Западен Ерусалим.