Kasım İleri
03 Декември 2021•Ажурирај: 06 Декември 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Претставниците на 11 земји и две меѓународни организации го нагласија значењето на територијалниот интегритет на Сирија и борбата против тероризмот во земјата на состанокот во Брисел, главниот град на Белгија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Домаќин на состанокот беше специјалниот претставник на Обединетите нации (ОН) за Сирија, Геир Педерсен.
Изразена е поддршка во настојувањата да се пронајде политичко решение за сириската криза.
На состанокот присуствуваа претставници на Арапската лига и Европската Унија, како и на Турција, Египет, Франција, Германија, Ирак, Јордан, Норвешка, Катар, Саудиска Арабија, Велика Британија и САД.
„Повторно ја потврдивме нашата поддршка за целосна имплементација на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, за значењето на единството и територијалниот интегритет на Сирија, борбата против тероризмот во сите негови форми, како и итен прекин на огнот низ целата земја, ослободување на затворениците и непречена испорака на хуманитарна помош“, беше објавено соопштение по средбата.
Педерсен ги поздрави напорите во таа насока и повтори дека земјите учеснички ќе ја зголемат поддршката за напорите за изнаоѓање политичко решение за сириската криза.
„Ја изразуваме нашата длабока загриженост поради страдањата и насилството на сирискиот народ повеќе од десет години и тешката хуманитарна ситуација“, се вели во соопштението.
Сирија е заробена во жестока граѓанска војна од почетокот на 2011 година кога режимот на Башар ал Асад ги разби продемократските протести со неочекувана жестокост.
Во последната деценија, околу половина милион луѓе загинаа, а над 12 милиони мораа да ги напуштат своите домови.