Ekipa
13 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
ПАРИЗ (АА) - Гувернерот на француската централна банка Фрасоа Вилеру де Галу изјави дека предлогот на кандидатката за претседател, Марин Ле Пен, Франција да ја напушти еврозоната и да ја врати својата стара валута, годишно би можело да ја чини државата повеќе од 30 милијарди евра, јавува Anadolu Agency (AA).
Гостувајќи во радиото „Франс-интер“, Вилеру де Галу силно застана во одбрана на единствената европска валута, предупредувајќи ги гласачите да не веруваат во националистичките ветувања на Ле Пен за посилна куповна моќ доколку Французите го напуштат еврото.
Вилеру де Галу оцени дека со напуштањето на еврото ќе се предизвика висока инфлација и катастрофални последици во заштедата на одделни лица.
Првиот човек на Француската централна банка рече дека таквата одлука ќе ја задолжува Франција за повеќе од 30 милијарди евра годишно, што е приближно еднакво на целиот буџет за одбрана на Франција.
Шефот на француската екстремна десница Национален фронт, Марин Ле Пен, на почетокот од февруари ја започна кампањата за француските претседателски избори, а како дел од предизборните ветувања предложи земјата да ја напушти еврозоната, НАТО и Европската Унија, да се намали возраста за пензионирање и да се заземе тврд став кон мигрантите.