Mehmet Nuri Uçar
05 Јули 2024•Ажурирај: 06 Јули 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 10 Палестинци се убиени, а голем број се ранети, вклучително и деца, во израелските напади врз голем број подрачја во Појасот Газа, пренесува Анадолу.
Според вестите што ги објави палестинската новинска агенција ВАФА, во израелскиот напад врз градот Кан Јунис во јужниот дел на Појасот Газа, убиени се најмалку двајца Палестинци, а неколку лица, меѓу кои и деца, се ранети.
Четворица Палестинци се убиени, а неколкумина се ранети во израелското бомбардирање на куќа во бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа.
Две лица се убиени во напад со беспилотно летало на израелската војска на место каде што се наоѓала група Палестинци во регионот Ал-Маваси, западно од градот Рафа.
Најмалку две лица се убиени, а шест се ранети во бомбардирањето на израелските борбени авиони на населбата Ед-Дурк во источниот дел на градот Газа.
Израел на 7 октомври минатата година започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници убивајќи 38.011 Палестинци, од кои 15.694 деца, 10.279 жени, а повредени се 87.445.
Според податоците на Обединетите нации, израелските напади врз палестинската енклава го принудија населението на Појасот Газа внатрешно да се расели, предизвикувајќи недостиг на храна, чиста вода и лекови, притоа разорувајќи ја и уништувајќи ја инфраструктурата на енклавата.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), кој во својата најнова одлука му нареди на Тел Авив веднаш да ја прекине операцијата во Рафа, град во јужниот дел на Појасот Газа, каде што повеќе од еден милион раселени Палестинци побараа засолниште.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарна помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.