Associated Press
03 Јули 2022•Ажурирај: 04 Јули 2022
КВЕТА (АА) - Најмалку 19 лица ги загубија животите, а 12 се повредени денес откако патнички автобус излета од планински пат во југозападниот дел на Пакистан и падна во длабока провалија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Махтаб Шах, помошник-администратор за округот Ширани во провинцијата Белуџистан, соопшти дека во автобусот имало околу 35 патници и додаде дека спасувачките екипи трагаат за преживеаните во остатоците од уништеното возило и во околината.
Шах рече дека е очигледно дека автобусот излетал од мокриот коловоз поради поројниот дожд и возачот ја загубил контролата над возилото, паѓајќи во провалија длабока 61 метар.
Сообраќајни несреќи со смртни последици се честа појава во Пакистан поради лошата патна инфраструктура и непочитувањето на сообраќајните правила, како и поради лошо одржуваните возила. Минатиот месец во слична сообраќајна несреќа животот го загубија 22 лица кога автобус падна во провалија во округот Кила-Сајфула.