Associated Press
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
АХМЕДБАД (АА) - Најмалку 21 лице почина, а 30 се хоспитализирани од труење со илегален алкохолен пијалок во западна Индија, соопштија индиски официјални лица, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мукеш Пармар, претставник на власта, изјави дека смртните случаи се случиле во окрузите Ахмедбад и Ботад, во индиската држава Гуџарат, каде е забрането производство, продажба и консумирање на алкохол од домашно производство. Не е познато со која хемикалија е затруен пијалокот.
Новинската агенција „Press Trust of India“ објави дека полицијата привела неколкумина осомничени криумчари кои биле вмешани во продажбата на илегалниот алкохолен пијалок.
Смртни случаи од илегално произведен алкохол е вообичаена појава во Индија, каде голем број луѓе немаат пари легално да го купат.
Продажбата на илегалните пијалоци стана исклучително профитабилна индустрија ширум Индија. Криумчарите не плаќаат данок и продаваат огромни количества од своите производи на сиромашното население по ниска цена.
Во 2020 година најмалку 120 лица починаа од консумирање на илегални алкохолни пијалоци во индиската северна држава Панџаб.