Muhammet Nazım Taşçı
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
КАТМАНДУ (АА) - Непалскиот планинар Нирмал Пурја се искачи на највисоките 14 врвови во светот за 189 дена, со што го сруши рекордот на јужнокорејскиот алпинист Ким Чанг Хо од 2013 година, кој на тие врвови се искачи за 10 месеци и 6 дена, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пурја успешно го заврши обидот за рекорд со искачување на последниот 14. врв од 8.135 метри на планината Шишапангма, во кинескиот автономен регион Тибет.
Експертите од областа на планинарството истакнаа дека рекордот на 36-годишниот Пурја е многу значаен успех.
Претседателот на Асоцијацијата за планинари во Непал, Анг Тшеринг, во врска со достигнувањето на планинарот рече: „Тоа е големо достигнување за планинарењето и планинарите и пресвртница во историјата на искачувањето.“
Пурја, поранешен припадник на Британската армија, обидот за рекорд го започна на 23 април, искачувајќи се на планината Анапурна (8.991 метар) во Непал. Потоа следуваа: на 12 мај, Даулагири (8.167 метри), на 15 мај, Канџунга (8.586 метри), на 22 мај, Еверест (8.848 метри) и Лота (8.516 метри), на 24 мај Пурја се искачи на планината Макалу (8.463 метри), додека на планината Манаслу (8.156 метри) се искачи на 27 септември.
По Непал, Пурја премина во Пакистан, и најпрвин се искачи на Нанга Парбат (8.126 метри) на 3 јули, Гашербрум 1 (8.086 метри) на 15 јули, Гашербрум 2 (8.035 метри) на 18 јули, К2 (8.611 метри) на 24 јули и на врвот Броуд Пик (8.407 метри) на 26 јули.
Во Кина, Пурја се искачи на Чо Оју (8.201 метар) на 23 септември и на планината Шишапангма (8.013 метри) на 29 октомври.
На неговото последно искачување, искусниот планинар се соочи со пречка од кинеската Влада, а потоа со помош на Владата на Непал се здоби со дозвола да се искачи на врвот.
Пурја во 2003 година се приклучи на Британската армија. На почетокот на оваа година тој поднесе оставка за да може да го урне рекордот во искачување на највисоките 14 врвови во светот во најкраток временски интервал.