Haydar Karaalp
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
БАГДАД (АА) - Муктада ал Садр, водачот на Движењето „Садр“ во Ирак, истакна дека ако премиерот Адил Абдулмехди не даде оставка, крвопролевањето нема да престане, пренесува Anadolu Agency (AA).
Садр во објавата на својот профил на социјалните мрежи го повтори повикот до Абдулмехди да поднесе оставка.
Садр ја започна својата изјава со предупредување до премиерот: „Прво Сирија, потоа Јемен, сега Ирак. Вчера Башар, потоа Абдурабу Мансур Хади, сега Абдулмехди“.
„Ако не поднесете оставка, крвопролевањето нема да престане. Ако не поднесете оставка, Ирак ќе се претвори во Јемен и Сирија. Отсега натаму јас во никој случај нема да коалицирам со вас“, порача Садр.
Лидерот на Движењето „Садр“, Муктада ал Садр, вчера го повика Парламентот итно да ја разреши Владата.
Ирачаните организираат протести во различни делови од земјата поради невработеноста, корупцијата и недостигот на јавни услуги. Протестите кои започнаа на 1 октомври, по прекинот поради церемонијата по повод Арбаин, во петокот (на 25 октомври) започнаа повторно.
Од почетокот на октомври, над 200 луѓе загинаа, а скоро 8000 луѓе се повредени во протестите што се проширија во централните и јужните градови на земјата, особено во главниот град Багдад.
Обединетите нации пак, соопштија дека 229 демонстранти се убиени во протестите во Ирак од 1 октомври.