Ikrame Imane Kouachi
13 Октомври 2024•Ажурирај: 14 Октомври 2024
БЕЈРУТ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес ги повика Обединетите нации (ОН) да ја повлечат својата мировна мисија од јужен Либан поради копнениот упад во подрачјето, јавува Анадолу.
„Време е да го повлечете УНИФИЛ од упориштата на Хезболах и од областите на борби“, рече Нетанјаху во пораката на хебрејски јазик до генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
„ИДФ (израелската армија) постојано го бараше тоа, но тоа беше постојано одбивано, се со цел да се обезбеди жив штит на терористите на Хезболах“, истакна тој.
„Г-дине генерален секретар, тргнете ги силите на УНИФИЛ од опасноста. Тоа треба да се направи веднаш, веднаш“, рече израелскиот премиер.
Двајца мировници беа повредени во четвртокот во израелски напад врз набљудувачка станица на ОН во јужен Либан. Артилериска граната следниот ден го погоди главниот команден центар на УНИФИЛ во пограничниот град Накура.
Нетанјаху тврди дека Израел „жали“ за повредата на мировниците на ОН. „Но, едноставниот и очигледен начин да се обезбеди ова е само да се извлечат од зоната на опасност“, рече тој.
„Вашето одбивање да ги евакуирате војниците на УНИФИЛ ги прави заложници на Хезболах“, тврди Нетанјаху. „Ова ги загрозува и нив и животите на нашите војници“.
УНИФИЛ е формиран во март 1978 година за да го следи повлекувањето на Израел од Либан и да ѝ помогне на либанската Влада во обновувањето на власта во подрачјето. Неговиот мандат беше проширен со текот на годините, особено по израелската војна во 2006 година, за следење на прекинот на огнот и овозможување на доставувањето хуманитарна помош.
Израел од 23 септември спроведува масовни воздушни напади низ Либан против, како што тврди, позиции на Хезболах, во кои се убиени најмалку 1.437 луѓе, повредени се над 4.123, а раселени повеќе од 1,34 милиони луѓе.
Воздушната кампања е ескалација на едногодишната прекугранична војна меѓу Израел и Хезболах од почетокот на неговата офанзива врз Појасот Газа, во која Израел уби речиси 42.200 Палестинци, повеќето жени и деца, по нападот на Хамас минатата година.
И покрај меѓународните предупредувања дека Блискиот Исток е на работ на регионална војна поради немилосрдните напади на Израел врз Газа и Либан, тој го прошири конфликтот на 1 октомври со започнување копнен упад во јужен Либан.