Mahmoud Barakat
16 Април 2019•Ажурирај: 17 Април 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја обезбеди потребната поддршка во Парламентот на Израел, Кнесет, за формирање на нова Влада, објавија израелските медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Десничарските партии Јизраел беитеину и Обединета десница денеска го информираа претседателот Рувен Ривлин за тоа дека нивната препорака е Нетанјаху да формира кабинет.
Вчера, коалицијата Сино-бело, главниот опонент на партијата Ликуд на Нетанјаху, го предложи нејзиниот лидер Бени Ганц за формирање на Влада. Ганц, исто така беше предложен и од Лабуристичката партија.
Арапските членови на Кнесетот се воздржаа од поддршка на која било партија којашто влезе во Парламентот.
Ривлин вчера започна со консултации со партиите кои освоија места во Кнесетот, за да предложат мандатар за формирање на нова Влада.
Партијата Ликуд на Нетанјаху освои 36 места во Парламентот на изборите на 9 април.