ЊУ ДЕЛХИ
Во последните 24 часа во Индија се регистрирани 379.257 случаи на зараза со новиот тип коронавирус (Ковид-19), што претставува нов рекорд на новозаразени во светот на дневно ниво, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за здравство на Индија информира дека во последните 24 часа Ковид-19 е детектиран кај 379.257 лица, а од последици на заразувањето со коронавирусот животот го загубија 3.645.
Додека вкупниот број на лица позитивни на Ковид-19 се зголеми на 18.376.524, бројот на смртни случаи предизвикани од заразувањето со коронавирусот од почетокот на епидемијата во земјата досега се зголеми на 204.832.
- САД ги повикаа своите државјани да ја напуштат Индија
Стејт департментот на САД преку својот профил на социјалната мрежа Твитер објави дека поради епидемијата и највисокото „Четврто ниво на совети за патување“ се повикуваат државјаните на САД што побрзо да ја напуштат Индија и да не ја посетуваат оваа земја.
Во информациите што ги објави Стејт департментот се нагласува дека пациентите заразени со Ковид-19 во Индија имаа сериозно ограничен пристап до лековите.
Американската амбасада во Њу Делхи исто така соопшти дека американските граѓани не би биле примени во болниците низ Индија која има проблеми со слободни болнички легла и снабдување со кислород, додавајќи дека во некои држави е воведен полициски час.
- Избори на Локален совет среде епидемијата
Во меѓувреме, граѓаните од индиската државата Западен Бенгал со популација од 90 милиони жители, учествуваат на локалните парламентарни избори во согласност со мерките за превенција од Ковид-19.
На изборите, политичките партии се борат за мнозинство во Локалниот совет кој брои 294 места.
На изборите што се одржаа во 2016 година, Конгрес Тринамуол за цела Индија освои 211 место и го обезбеди мнозинството во Локалниот совет.
- Над 300.000 новозаразени дневно во последната недела
Во Индија, каде што првите случаи на Ковид-19 се регистрирани на 30 јануари 2020 година, бројката на новозаразени на дневно ниво постепено се зголемуваше во текот на целата година, достигнувајќи 97.859 заразени дневно на 16 септември 2020 година.
По овој датум, кој се смета за сезонски врв на епидемијата, бројката на новозаразени на дневно ниво забележа надолен тек, опаѓајќи стабилно во следните 4,5 месеци, паѓајќи на 8.587 новозаразени на 1 февруари.
По првиот бран, од февруари кривата на новозаразени започна со стрмно зголемување, создавајќи нов и многу поголем бран на зараза од првиот.
Индија е земја со најголем број новозаразени во светот на дневно ниво од 2 април досега. Бројот на новозаразени на дневно ниво се зголеми на над 100.000 на 4 април, 200.000 на 15 април и 300.000 на 21 април.
Бројот на дневни случаи на зараза во последната недела е над 300.000.
Пропорционално со зголемената бројка на новозаразени се зголеми и бројката на смртни случаи на дневно ниво во земјата. Бројката на починати на дневно ниво како последица на заразувањето со коронавирусот, од над 2.000 на 20 април, го надмина нивото од 3.000, почнувајќи од 27 април.
Според интернет-страницата „Worldometer“, Индија е втора земја во светот според бројката на новозаразени на дневно ниво, а четврта според бројката на смртни случаи предизвикани од Ковид-19.
Додека постојат потешкотии во обезбедувањето кислород за пациентите кои се поврзани со респиратори, телата на починатите се палат на одредени места во градовите поради недостиг на простор во крематориумите.
- Бројот на вакцинирани надмина 150 милиони
Во Индија, земја со популација од 1,4 милијарди жители, во моментов има масовна кампања за вакцинација.
Сепак, масовната кампања за вакцинација сè уште не го достигна нивото што може да ја запре епидемијата.
Министерството за здравство на Индија објави дека досега во земјата се дадени 150.020.648 дози вакцини.
Со цел вакцинацијата да биде поефикасна во запирање на ширењето на вирусот, од 1 мај се планира да започне вакцинацијата на населението на возраст од 18 до 45 години, што досега не беше дел од популацијата што беше ставена во програмата за вакцинирање.
Според веб-страницата „Ourworldindata.org“, која ги објавува податоците поврзани со вакцинацијата против Ковид-19 во земјите од светот, Индија е трета земја во светот со најголем број вакцинирани, по САД и Кина.
- Се шират новите варијанти на мутираниот коронавирус, што се со високи инфективни својства
Се проценува дека новите варијанти на Ковид-19 во Индија, како што се јужноафриканската, англиската и бразилската, кои се со високи инфективни својства, се причина за неодамнешното зголемување на бројката на заразени.
Овие мутации на вирусот биле откриени кај 7 % од 11.000 примероци на генетската низа на вирусот што биле земени од 30 декември 2020 година досега во Индија.
Харш Вардан, министерот за здравство на Индија, во изјавата што ја даде на 8 април призна дека недостигот на мерките за намалување на масовното движење и социјалната интеракција придонеле за зголемување на случаите на заразување.
Додека стапката на заразени меѓу тестираните примероци сомнителни на коронавирусот на 23 април во главниот град Њу Делхи изнесуваше 36,24 %, само еден месец претходно беше помала од 3%.