Betül Yürük
11 Ноември 2020•Ажурирај: 12 Ноември 2020
ЊУЈОРК (АА) - Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави (САД), Џо Бајден, изјави дека е срамота тоа што неговиот противник и актуелен претседател на САД, Доналд Трамп, не го признава поразот на изборите, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Бајден во сојузната држава Делавер го коментираше за медиумите тоа што Трамп не ги признава изборните резултати, односно поразот.
Истакнувајќи дека одбивањето на администрацијата на Трамп да ја признае победата на демократите „нема да ја промени динамиката“, Бајден рече дека тој доследно го спроведува своето преминување во Белата куќа.
„Америка се врати во игра. Веќе не постои „само Америка“. Имав можност да разговарам со шест светски лидери, земји како Велика Британија, Франција, Германија, Канада и Ирска, сите упатија пофалби и беа енергични, со нетрпение чекаат. Ќе ја вратиме Америка таму каде што заслужува да биде“, порача Бајден.
На прашањето дали разговарал со челникот на мнозинството во Сенатот, републиканецот Мич Меконел, кој исто така не ги признава резултатите од изборите, Бајден рече дека не разговарал.
„Со неколку исклучоци, целата Републиканска партија беше заплашена од претседателот [Трамп]“, рече Бајден, а на прашањето дали има некоја порака за Трамп, тој одговори:
„Со нетрпение очекувам разговор со Трамп.“